13.05.2026.

ЕБОР и ЕУ ќе обезбедат пет милиони евра за кредитирање на бизниси раководени од жени и од млади

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската Унија ќе обезбедат пет милиони евра за кредитирање на бизниси раководени од жени и од млади. Пакетот се состои од 2,5 милиони евра кредит за програмата за жени и 2,5 милиони евра за програмата за млади, за кои ЕУ ќе обезбеди техничка помош и контра-гаранција за првата загуба преку програмата Европски фонд за одржлив развој плус.

И двата кредита, кои ќе се доделуваат преку ПроКредит Банка, ќе бидат наменети за кредитирање на микро, мали и средни претпријатија менаџирани од жени и млади, со што ќе им се подобри пристапот до долгорочно финансирање на групи кои продолжуваат да се соочуваат со структурни пречки во финансискиот сектор. Кредитите треба да придонесат за поголемо економско учество на жените претприемачи и да им помогнат на младите луѓе да развијат одржливи бизниси и да креираат работни места кои ќе ја зајакнат националната економска отпорност.

Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Македонија изјави дека поддршката на жените и младите луѓе во бизнис е основа за градење на поинклузивна, поотпорна и поконкурентна економија.

„Преку овој пакет од 5 милиони евра заедно со ПроКредит Банка го зајакнуваме долгорочното партнерство и помагаме да се обезбедат услови каде жените и младите менаџери во Македонија ќе имаат пристап до финансирањето кое што им е потребно, за да инвестираат, растат и да создаваат работни места,“, рече Туркменоглу

Според Стевче Кузмановски, од ПроКредит Банка, претходниот голем интерес во истите две програми за поддршка, упатува дека и за овојпат се очекува висока побарувачка, и потврда дека сме вистински претприемачки нација, богата со идеи.

„Проширувањето на пристапот до финансирање за жените и младите претприемачи е клучно за отклучување на економскиот потенцијал на Северна Македонија. Преку поддршка на овие бизниси, помагаме во креирање на работни места, зајакнување на локалните заедници и отворање на реални можности на оние на кои најмногу им се потребни. На овој начин, придонесуваме кон поинклузивен раст, намалување на сиромаштијата и обезбедување на економски развој, кој може да се почувствува во целото општество,“ рече Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ.